Тони Надал, стрикото на Рафаел Надал, во колумната за „Ел Паис“ жестоко го критикува Новак Ѓоковиќ, кој доби медицинска дозвола од австралиските власти за да настапи на Австралија опен.
Вчера, една од најважните вести во светот на спортот беше дека Ѓоковиќ ќе ја брани титулата во Мелбурн. Деветкратниот шампион бидејќи не е вакциниран, побара и доби дозвола да настапи на првиот гренд-слем во сезоната.
„Морам да признам дека до оваа објава, мислев дека Србинот ќе се откаже или ќе се вакцинира. Наместо тоа праведноста на австралиските власти му овозможи на Балканецот да влезе во државата“, пишува стрикото на Рафа Надал и додава дека Новак мора да има добра причина зошто не се вакцинирал, но и дека има право својата медицинска документација да ја држи во тајност.
Тој пишува дека „мистеријата“ мора да биде решена – дали властите во Австралија направиле пропуст или Ѓоковиќ сакал да ги изигра и да ги заобиколи правилата.
„Таа контраверза треба да биде разјаснета доколку сите протагонисти во овој случај сакаат да бидат искрени. Речиси шест милиони луѓе ги изгубија животите од овој проклет вирус. Сакам да мислам дека Новак го знае тоа и дека во знак на човечка чувствителност и разбирање ќе ја објасни оваа ситуација. Би било добро Ѓоковиќ да има некакво објаснување, не верувам дека имало некакви нерегуларности. Секако дека тој нема обврска да сподели вакви приватни информации, но во исто време треба да биде свесен дека светот се наоѓа во сериозна здравствена криза и дека луѓето во светот патат од се ова што ни се случува“, наведува Тони Надал во својата колумна.