Сите тенисери кои барале медицинско ослободување ќе играат на Австралија опен. Исклучок е Новак Ѓоковиќ, на кого австралиските власти му ја укинаа визата. Адвокатите на светскиот број 1 вложија жалба на оваа одлука. Судот закажа рочиште по што ќе биде познато дали деветкратниот победник во Мелбурн ќе добие можност да ја брани титулата.
Медицински исклучок од австралиските власти побарале тројца тенисери, вклучувајќи го и Ѓоковиќ, сите тие поминали низ истиот процес. Две независни комисии составени од експерти ги разгледувале барањата. Едната комисија е составена од Тенискиот сојуз на Австралија, а другата од владата на Австралија.
Само Ѓоковиќ не доби виза, останатите ќе играат на првиот гренд слем во сезоната.
Поранешниот тенисер, Пол Мекнами, на „Твитер“, објави дека само на Ѓоковиќ визата која претходно му била одобрена, му е поништена. Останатите со иста таква виза и со медицински исклучок влегле во државата.
„Ројтер“, повикувајќи се на свои извори, објави дека пред Ѓоковиќ, тројца тенисери со медицински исклучок влегле во Австралија. Тие имале иста документација каква што имал и освојувачот на 20 гренд слем титули.