Легендата на Манчестер јунајтед, Пол Сколс ја опиша атмосферата во клубот како „отровна“, и побара од првите луѓе на клубот да го „украдат“ Антонио Конте од Тотенхем во текот на летото.
Јунајтед имаат очајна сезона, за која прв цената ја плати поранешниот соиграч на Сколс, Оле Гунар Солскјер, а ниту неговата (привремена) замена Ралф Рангник не успеа да го крене нивото на игра на скапиот и талентиран состав. „Ѓаволите“ се во опасност да завршат надвор од топ 4 и да ја продолжат сезоната без трофеи на 5 сезони и Сколс вели дека нема да има брзо опоравување.
„Клубот изгледа како вистинска мешаница, со фудбалерите, придружниот состав и менаџерот. Кој би сакал да дојде во ваков клуб? Чувството е отровно. Дојде до момент во кој помислуваш: ‘Дали овие фудбалери се доволно добри?’. Знаеме дека Роналдо, Погба, Варан, Матиќ имаат големо искуство и освојувале трофеи, но остатокот од составот не се докажа дека е доволно добар да победи било што. Дел од фудбалерите веќе имаат искуство. Маркус Рашфорд има многу мечеви, дали ќе го видиме исполнувањето на неговиот потенцијал? Дали ќе бидат доволно добри да освојуваат трофеи? Мегваер, Линделоф, дали се доволно добри?“, вели Сколс.
Тој исто така смета дека поставувањето на Рангник е грешка.
„Отидовме по човек кој е ценет во Европа, посебно од менаџерите како Клоп и Тухел. Но, дали имал доволно успех како тренер? Влегол во прва лига во Германија и малку со Шалке, но тука доаѓа во најголемиот клуб на светот. Секогаш треба да го бараат најдоброто. Требаше да го имаме еден од најдобрите 5 менаџери на светот. Сега, Тухел, Пеп и Клоп се на првите три места и нема шанси да ги добиеме. Но, тука беше Антонио Конте. Велеа не им прилега на Јунајтед, но гледате што прави со Тотенхем, и најверојатно ќе ги претрка Јунајтед за четвртото место. Но, може да го купат од Тотенхем, веќе ова лето. Не знам дали ќе биде возможно“, додава Сколс.