Бразилскиот селектор Тите открива дека Нејмар уште не е 100 отсто подготвен пред првиот меч на Бразил на Мундијалот против Швајцарија, кој на програмата е утре.
Нејмар го пропушти вториот дел од сезоната за Пари Сен-Жермен откако го скрши стапалото во осминафиналето на Лигата на шампионите против Реал Мадрид, но играше на последните подготвителни натпревари на Бразил постигнувајќи фантастичен гол против Австрија.
„Нејмар не е 100 отсто подготвен, но има физичка сила за натпревар. Сепак, уште не оди до максимум. Тој е подобар од моите очекувања и мислам дека ќе има добро Светско првенство“, вели Тите.
Сепак, бразилскиот селектор, кој беше задолжен да го освежи тимот по фијаското на домашното СП пред четири години, вели дека „селесао“ не зависи само од еден фудбалер.
„Не мислам дека Нејмар е нашиот лидер, бидејќи нашата сила е врската меѓу сите фудбалери. Знам дека има многу луѓе кои го сакаат и коиго мразат, но нашиот национален тим е полн со фудбалери со различни карактеристики и секој ја завршува својата работа“, додава Тите.
Фото: EPA