Поранешниот директор на Ф1 проектот на Хонда, Масаши Јамамото ќе ја напушти јапонската компанија за да си формира сопствена консултантска агенција која директно ќе работи со Ред бул на нивниот проект на развој на мотори, јавува „Моторспорт“.
Хонда официјално се повлече од Формула 1 на крајот на минатата сезона, препуштајќи им го проектот за развој на турбо-хибридни мотори на Ред бул, кои формираа компанија за развој на моторите и ангажираа голем број на стручњаци од ривалите Мерцедес за да станат и производител во спортот.
Од друга страна, постојат шпекулации дека Ред бул чекаат на одлуката на Фолксваген групацијата за можен влез во Формула 1 од 2025 година, но во меѓувреме, австрискиот тим ангажираше голем број на вработени во проектот. Инаку, развојот на моторите ќе биде „замрзнат“ на почетокот на оваа сезона, така што клучно да се направат сите можни подобрувања во текот на зимата пред хомологацијата.