Top Sport

Трипиер: Би сакал да го видам Диего Симеоне во Премиерлигата

Киеран Трипиер вели дека би сакал да го види својот поранешен тренер од Атлетико Мадрид, Диего Симеоне во Премиерлигата, откако неколку месеци по освојувањето на шпанската титула се врати во Англија со Њукасл.

„Разговарав често со Диего и со претседателот на Атлетико Мадрид, Енрико Серезо, и беше јасно дека тие не сакаат да ме пуштат, но имав неколку семејни причини зошто морав да се вратам. Исто така, сакав да се вратам на северот, а тука само Њукасл беа заинтересирани. Го познавам Еди Хоув бидејќи работев со него во Барнли и сметав дека со трансфер ќе привлечам некои други фудбалери да дојдат тука. Тоа беше совршено за мене и моето семејство“, вели Трипиер во разговор со легендата на Њукасл, Алан Ширер.

Тој го пофали Симеоне и неговата работа во Атлетико, и откри дека имало луѓе кои се противеле на неговиот трансфер во Атлетико во 2019.

„Знам дека е тешко да се објасни, но кога ќе го видите покрај аут линијата, тој е таков на секој тренинг, во секоја ситуација. Безмилосно. Ќе работеше со мене час и пол по тренинг еден-на-еден, покажувајќи ми видеа од моите игри за Тотенхем и делејќи совети. Ми помогна премногу и ме постави на позиции на кои не можев да замислам дека ќе играм. Би сакал да го видам да работи во Англија. Знам дека пред некоја година учеше англиски и неговата партнерка зборува англиски. Мислам дека би бил одличен во Премиерлигата“, додава Трипиер.

Scroll to Top