Американскиот гигант „Најк“ потврди дека ја „суспендира“ својата соработка со фудбалерот на Манчестер јунајтед, Мејсон Гринвуд, откако тој вчера беше уапсен со обвинение за силување и за физички напад.
20-годишниот Гринвуд беше уапсен во неделата откако неговата долгогодишна девојка Хериет Робсон објави видеа од нејзините повреди кои ги добила од фудбалерот. Тој уште е во притвор, додека Манчестер јунајтед потврдија дека е суспендиран и дека нема да игра, ниту да тренира со тимот, иако се обврзани да му ја даваат неделната плата од 75.000 фунти.
Повеќе негови соиграчи, како Кристијано Роналдо, Давид де Хеа, Џеси Лингард, Единсон Кавани и Маркус Рашфорд го „избришаа“ од социјалните мрежи, а сега „Најк“ објави дека го прекратува спонзорството.
„Ги суспендиравме нашите врски со Мејсон Гринвуд. Ние сме загрижени од вознемирувачките обвинувања и ја следиме ситуацијата“, објавија од „Најк“.