Top Sport

Клиперси ги победија Лејкерси, серијата на Финикс заврши во Атланта

Четири интересни натпревари се одиграа изминатата ноќ во НБА лигата. Драмата во градското дерби им припадна на Клиперси, Булс во продолжението паднаа во Торонто, победничката низа на Финикс заврши во Атланта, а Вориорс со тимска игра славеа над Сакраменто.

Атланта Хокс им ја прекинаа победничката серија на Финикс Санс. Атланта победија со 125:115. Хокс ја забележаа осмата победа на последните девет натпревари и во исто време ја прекинаа серијата од 11 победи на Финикс.

Тре Јанг блескаше со 43 поени за 36 минути игра. По 19 поени постигна Џон Колинс и Кевин Хуертер. Санс ги предводеа Девин Букер со 32 и Мајлс Бриџис со 24 поени и осум асистенции.

Голден стејт Вориорс со тимска игра го победија Сакраменто со 126:114. Седум кошаркари на Вориорс постигнаа двоцифрен број на поени. Најефикасен беше Клеј Томпсон со 23 поени, пет скока и седум асистенции. Стеф Кари постигна 20, а Џонатан Куминга 18 поени.

Клиперси, во драматичен меч, ги победија градските ривали Лејкерси 111:110. Клиперси во последната четвртина влегоа со предност од 17 поени, меѓутоа победникот се решаваше во последните 63 секунди.

Реџи Џексон на четири секунди до крајот погоди за Клиперси, а последниот шут на мечот не успеа да го реализира Ентони Дејвис.

Маркус Морис и Џексон ги предводеа Клиперси со 29, односно 25 поени, на другата страна Дејвис забележа 30 поени и 17 скокови.

Торонто Репторс и Чикаго Булс играа едно продолжение, славеа Репторс со 127:120. Репторс ја прекинаа низата од пет порази во дуелите со Булс. Паскал Сијакам имаше 25 поени и 13 скокови, по 21 постигнаа Скти Барнс, О Џи Ануноби и Фред Ванвлит. Кај Чикаго најдобри беа Никола Вучевиќ сп 30 поени и 18 скокови и Демар Дерозан со 28 поени, шест скока и седум асистенции.

Scroll to Top