Легендарниот поранешен италијански голман Дино Ѕоф вели дека Јувентус нема да имаат изговори да обезбедат топ 4 пласман, откако беа најактивни на пазарот во јануари, носејќи го 22-годишниот Душан Влаховиќ од Фиорентина за 80 милиони евра.
Јувентус во моментов се на петтото место на табелата во Серија А, еден поен зад Аталанта, но клубот од Бергамо има меч помалку.
„Мислев дека Влаховиќ ќе почека до крајот на сезоната, но на крајот Јувентус решија да направат инвестиција. Парите се високи поради тоа што го покажа тој досега и ако го повтори тоа за Јувентус, тогаш ќе биде вистинско засилување. Кога ќе те побара клуб кого го сметаат за поголем од твојот, тогаш е тешко да оддолееш. Сега, тие едноставно мораат да бидат во топ 4“, вели Ѕоф за „Тутомеркато“.
Тој исто така зборуваше и за неговиот друг поранешен клуб, Лацио, каде што навивачите протестираат поради недостаток на стратегија во клубот.
„Маурицио Сари кажа некои логични работи околу преодниот рок, но сега мора да работи со тоа што го има. Топ 4 пласман е многу тежок за остварување, а има и многу кандидати“, додава Ѕоф.