Мидлзборо успеа да го елиминира Манчестер јунајтед од ФА купот сред „Олд Трафорд“, откако по големиот број на промашени шанси и 1:1 по 120 минути игра, во пенал серијата триумфираа со 8:7.
„Ѓаволите“ имаа совршена шанса да дојдат во водство во 19. минута кога по стартот над повратникот во тимот Пол Погба беше досуден пенал, но Кристијано Роналдо упати несфатливо лош удар кој помина покрај стативата. Само пет минути подоцна, Џејдон Санчо доби убава топка од Бруно Фернандеш, за конечно да го отвори резултатот.
По неколку неискористени шанси, Боро успеа да израмни со голот на Мет Крукс во 64. минута и покрај протестите на „ѓаволите“ дека имало играње со рака. До крајот на мечот, Јунајтед доминираа против второлигашот, но имаа премногу пропуштени шанси, како таа на Бруно Фернандеш кога утна практично празен гол, и на крајот се играа продолженија.
Во пенал-серијата, зачудувачки сите беа прецизни до осмата серија, кога младиот Ентони Еланга ја упати топката над голот на Боро за неславна елиминација на „ѓаволите“.