Сами Кедира од еден шведски новинар доби понуда за билет за него и за колегите од германската репрезентација за дома, инсистирајќи дека нема да му биде потребна сѐ до финалето.
Германците се наоѓаат во незавидна ситуација во групата Ф по шокантниот 1:0 пораз од Мексико во првиот меч во неделата, но играчот на Јувентус вели дека тие се сигурни дека ќе влезат во осминафиналето, стартувајќи со мечот против Шведска во сабота. Кога новинарот на шега му ги понуди билетите, Кедира беше јасен.
„Нема да ни требаат. Не сакаме да одиме дома, размислуваме само за овој натпревар. По лошиот старт е потешко, меѓутоа имаме силен тим и сигурен сум дека ќе ги победиме Шведска. Мислам дека билетите ќе ни требаат по 16 јули“, вели Кедира.
Со него се согласува и колегата Тимо Вернер, кој изјави дека е подобро да се загуби првиот меч, отколку подоцна во шампионатот.
„Секако дека целта е светската титула. Ние сме Германија и сакаме да победуваме на секој натпревар. Вакви работи се случуваат, но мора да реагираме бргу. Подобро да го загубиш првиот отколку четвртиот меч. Шпанија во Јужна Африка загубија во првиот меч против Швајцарија, а потоа станаа шампиони“, вели Вернер.