Ѕвездата на Челси, Хаким Зијеш вели дека нема да се врати во мароканската фудбалска репрезентација по војната на зборови со селекторот Вахид Халилхоџиќ, што значи практично повлекување од репрезентацијата на само 28 години.
Зијеш беше исклучен од мароканскиот тим за Африканскиот куп на нации, а по елиминацијата Халилхоџиќ изјави дека тој нема да биде вратен во репрезентацијата дури „и да се вика Лионел Меси“.
„Нема да се вратам во мароканската репрезентација и тоа е мојата конечна одлука. Јасно е како се одвиваат работите таму и јас затоа ќе се фокусирам на мојата работа, и тоа е ммојот клуб. Тоа е одлука која ја прави тој и мора да ја почитуваш. Но, лажењето кое доаѓа со тоа, само ја потврдува мојата позиција. Жал ми за навивачите, но таа е ситуацијата“, вели Зијеш.
Зијеш последен пат настапи за Мароко во јуни на пријателски меч со Буркина Фасо, кога започна конфликтот со Халилхоџиќ. Селекторот одлучи дека тој не се однесува како „лидер на тимот“ обвинувајќи го дека одбивал да тренира. Зијеш има 40 настапи за Мароко со 17 гола.