Давид де Хеа вели дека некој фрлил клетва на Манчестер јунајтед и не разбира зошто на клубот толку многу работи му тргнале наопаку последните неколку години.
„Ѓаволите“ немаат трофеј од 2017, и последните сезони се забележува огромна разлика помеѓу нив и англиските ривали Ливерпул, Манчестер сити и Челси. Де Хеа е во клубот од 2011 и има играно под Сер Алекс Фергусон две сезони и вели дека не сфаќа што точно се случило под неговите наследници.
„Мислам дека некој како да фрлил клетва на нас или нешто слично. Вистината е дека не знам што се случува, навистина не знам. Луѓето секогаш ме прашуваат, а разговараме и меѓу играчите и едноставно велиме: ‘Не знам што се случува’. Требаше да се бориме за трофеи, за големи титули, но едноставно не функционираме“, вели Де Хеа во интервју за шпанскиот „Ел паис“.
Нивото на клубот требаше да биде кренато со пристигнувањето на Кристијано Роналдо, и Де Хеа вели дека неговото присуство е важно.
„Само кога ќе го видите да влегува во соблекувалната ви дава желба да покажете дека сте на негово ниво. Мислам дека е посмирен од порано, но е вистинска машина. Тоа е добро да видат момците, бидејќи покажува како треба да се грижите за себе за да останете на високо ниво“, вели Де Хеа.