Новак Ѓоковиќ не се смета меѓу фаворитите за Вимблдон следниот месец, и тој го дели општото мислење дека актуелниот шампион Роџер Федерер најверојатно ќе ја освои рекордната деветта титула на „Ол Ингланд клубот“.
Србинот, кој полека се враќа во форма по повредата на лактот минатата година, во четвртокот стигна до прва топ 10 победа, победувајќи го Григор Димитров на Квинс Клаб, а во кариерата има три титули од Вимблдон (последната во 2015 година), но не верува дека може до трофејот.
„Да не се занесуваме предвреме. Јас дефинитивно не сум еден од фаворитите на Вимблдон. Роџер е јасниот фаворит без сомнеж. Рафа, можеби, но тој не игра на високо на Вимблдон во последно време. Сепак, ако е разигран може до титулата“, вели Ѓоковиќ.
Надал последен пат ја освои титулата во 2010 година, но ќе влезе на турнирот без конкурентен меч на трева, откако се повлече од Квинс Клаб турнирот.
Фото: ЕПА