Фиорентина вечерва ќе го пречека Јувентус во првиот полу-финален натпревар, во Купот на Италија. На „Артемио Франки“, во дресот на Јувентус ќе настапи довчерашниот миленик на Фиренца, Душан Влаховиќ.
Трансферот на Влаховиќ, го обележа зимскиот преоден рок. Јувентус за него плати речиси 82.000.000 евра. Со заминувањето од Фиорентина, Србинот го навлече гневот на домашните фанови.
Клубот, во пресрет на натпреварот, апелираше до навивачите на „виола“, да се воздржат од навреди кон Влаховиќ.
На ова барање, експресно одговори еден од водачите на навивачите, Федерико де Синополи.
„Влаховиќ го предаде целиот град, слични работи се случуваа и во минатото. Влаховиќ, Кијеза и Бернардески минаа низ клупската академија, но никогаш не го прифатија идентитетот на „виола“. Бернардески е од Тоскана, Кијеза овде беше од својата десетта година“, изјавил Де Синополо.
За „Пунто Ноуво“, тој рекол дека навивачите ќе реагираат, без да прецизира на каков начин ќе го искажат незадоволството.
„Молчењето не е опција. Фиренца е живописен град, нашата ДНК не ни дозволува да бидеме ладни. Ќе има реакции, свирежи, скандирања или навреди. Ќе има реакција“.
Натпреварот на „Артемио Франки“ ќе започне во21 часот.