МЗТ Скопје Аеродром официјално го промовираше Александар Петровиќ за нов тренер. На прес – конференцијата беше присутен и извршниот директор на клубот, Филип Ѓоревски.
Петровиќ потенцираше дека амбициите на клубот од „Јане Сандандски“ се освојување на трофеите во македонската кошарка, како и враќање на тимот во најдобриот ранг на АБА.
„Се враќам на добро познато место, во најдобро организираниот тим во Македонија каков што е МЗТ Скопје повеќе години наназад. Дојдов да дадам сѐ од себе за да ја одбраниме титулата и да се обидеме да го вратиме клубот таму каде што му е и местото – во АБА1-лигата. Нема да биде лесно, но ќе сторам сѐ да го извадам максимумот од тимот што ми е на располагање. Да бев од почетокот на сезоната, сигурно поинаку ќе беше селектиран составот, особено во делот на подмладувањето, со оглед што сега на располагање имам поголем број кошаркари длабоко навлезени во четвртата деценија. Ова не е барање алиби, туку факт. Јас сум подготвен врз себе да го земам сиот притисок кој е вообичаен во МЗТ и да ги ослободам играчите да играат онака како што знаат без да размислуваат на други работи. Време за големи промени немам, ќе гледам само да ја упростам играта и да ја зацврстам одбраната. И пред сѐ да внесам позитивна енергија, која и тоа како ќе ни биде потребна“, изјави Петровиќ.
Новиот стратег потенцира и одредени проблеми со кои се соочил на стартот од мандатот.
„Се соочив со проблеми кои не ги очекував, а тоа е отсуството на повредени играчи. Овој тим нема тренирано комплетно цела сезона и тоа сигурно се одразува врз формата и резултатите. Но, со заедничка работа ќе го надминеме и тоа. На играчите им кажав дека не сум тука за да ги учам кошарка, тие се доволно искусни и квалитетни и сигурен сум дека со заеднички сили ќе дојдеме до тоа што сите го посакуваме“, истакна новиот тренер на МЗТ Скопје Аеродром.