Хабиб Нурмагомедов застана во одбрана на Каин Веласкез, откако поранешниот шампион во тешка категорија беше уапсен за обид за убиство во Калифорнија.
39-годишниот Веласкез беше уапсен откако стрелал со пиштол во автомобил во кој бил човек кој пак, претходно бил уапсен за сексуален напад на малолетна роднина на фајтерот. Според американските медиуми Веласкез го погодил очувот на неговата роднина, но тој ќе преживее од повредите.
Покрај обвинението за обид на убиство, Веласкез е обвинет за пукање кон возило, три обвиненија за напад со оружје, три обвиненија за напад со смртоносно оружје и носење на оружје со намера да стори прекршок. Ако биде осуден за обидот за убиство тој може да добие најмалку 20 години во затвор, а за другите обвиненија ќе добие дополнителна казна.
Веласкез работеше во вежбалната „Америка кикбоксинг академи“ во Калифорнија, каде што работеше и Хабиб, Даниел Кормиер и Лук Рокхолд, и тој доби поддршка од својот пријател.
„Ти си човекот, Каин. Те сакаме и ќе бидеме постојано покрај тебе“, напиша Хабиб.