Top Sport

Снајдер се врати во Интер првпат по осум години

Весли Снајдер првпат се врати на „Сан Сиро“ по заминувањето од Интер, откривајќи дека Жозе Мурињо му се јавил „илјада пати“ да го убеди да замине од Реал Мадрид.

37-годишниот Холанѓанец го посети Милано заедно со Марко Матераци, Самуел Ето и Џанлука Паљука, кои беа вклучени во Куќата на славните на клубот. Снајдер беше во Интер од 2009 до јануари 2013, како дел од легендарниот состав на Мурињо кој ја освои славната „триплета“.

„Ова е првпат да дојдам на ‘Сан Сиро’ по осум години. Прекрасно е, видов многу луѓе со кои одамна се немав видено, а тоа што сум во Куќата на славните е само бонус. Имавме вистински тим, кој сфаќаше дека не се прави ништо индиидуално. Мурињо ми се јавуваше илјада пати велејќи ми дека има вистински тим кој нема ‘десетка’. Веднаш почувствував самоувереност и тоа се покажа“, вели Снајдер.

Дали некој од сегашниот тим го потсетува на неговата игра.

„Хакан Чалханоглу е добар. Најважен е менталитетот на тимот, кој минатата година освои скудето и може да го повтори тоа и оваа година. Може да се забележи дека се вистински тим. Сакам да порачам на фановите на Интер дека уште се чувствувам дома тука и дека се најдобри на светот“, додаде Холанѓанецот.

Scroll to Top