Манчестер јунајтед десет години чекаат на шампионската титула во Премиер лигата. Ќе чекаат најмалку уште една бидејќи актуелниот тим, предводен од Ралф Рангник, нема капацитет да се бори со конкурентите. За „црвените ѓаволи“ успех ќе биде и доколку успат да се пласираат во Лигата на шампионите.
Соочени со реалноста на „Олд Трафорд“, планираат радикални потези во летниот преоден рок. Магазинот „Сан“, пишува дека најмалку 12 играчи ќе го напуштат клубот во летниот преоден рок.
На оваа листа се наоѓа и Кристијано Роналдо. Португалецот е незадоволен од статусот што го има во тимот. Минатиот викенд, не играше против Манчестер сити. Тренерот тврди дека бил повреден, медиумите пишуваат дека решил да замине за Португалија кога дознал дека дербито ќе го започне како резерва.
Покрај Роналдо, како слободни играчи клубот ќе го напуштат Пол Погба, Џеси Лингард, Единсон Кавани и Хуан Мата.
Останатите на оваа листа, според „Сан“ се: Хари Мегваер, Виктор Линделоф, Ерик Баи, Фил Џонс, Мејсон Гринвуд, Том Хитон и Ли Грант.
Во оваа група треба да биде и Маркус Рашфорд. Вчера, Фабрицио Романо, објави дека англискиот репрезентативец ќе побара трансфер, незадоволен од третманот што го има кај Ралф Рангник.