Top Sport

ГФК Охрид реагира: Казната од МВР можеби ќе го згасне клубот!

Македонскиот второлигаш Охрид се соочува со огромна парична казна (20.000 евра) од МВР поради инцидентите што се случија на натпреварот против Вардар на стадионот „Билјанини извори“. Охриѓани се обвинети дека немале редарска служба на ниво, па затоа се случил инцидент меѓу навивачката група Комити и останатиот дел од публиката.

Раководството на Охрид испрати реакција до медиумите.

„Ова е навистина шок за сите нас. Срамно и страшно. Ова е невиден преседан. Вакво нешто не памети македонскиот спорт. Против Вардар имавме еден беспрекорно организиран натпревар во фантастична атмосфера, а поради инцидент во кој ‘Комитите’ најпрво меѓу себе почнуваат физичка пресметка а потоа и со припадниците на МВР, казна добива ГФК Охрид!? Наместо МВР да биде одговорно за тоа што не успеало да смири гостински навивачи над кои ние немаме контрола, Охрид добива казна!? Ваква парична казна не доделува ниту УЕФА во најквалитетните европски натпреварувања. Ако поединци од СВР-Охрид сакаат да се затвори клубот слободно нека ни кажат, затоа што оваа казна е надвор од секој памет со очигледна тенденциозност. Оваа казна значи само начин за бркање на видни легенди на клубот и поединци кои се вклучија за враќање на Охрид на старите патеки. Ако тоа им е целта, треба отворено да кажат“, се вели во реакцијата на фудбалскиот клуб Охрид.

Scroll to Top