Еден од најдобрите ирански фудбалери Сардар Азмун, на 23-годишна возраст, реши да стави крај на репрезентативната кариера, поради бројните критики упатени кон него од јавноста и навивачите.
Фудбалерот на Рубин од Казањ беше најдобар стрелец на Иран, во квалификациите за пласман на Светското првенство, меѓутоа мундијалот го одигра под своето реноме, поради што бил најкритикуваниот играч на репрезентацијата.
Иран, мундијалот го заврши по првата фаза. Во Б-групата, Иранците го победија Мароко со 1:0, а потоа им пружија силен отпор на фаворизираните Шпанци (0:1) и Португалци (1:1).
„Ми беше голема чест што играв за репрезентацијата, госрд сум на своите последни натпревари. За жал, морав да донесам една од најважните одлуки во мојот живот. Бирав помеѓу репрезентацијта и мојата мајка“, напишал Азмун на социјалните мрежи.
Како што пренесуваат иранските медиуми, мајката на Азмун е болна, а поради критиките нејзината здравствена состојба се влошила.
Азмун, кого во татковината го нарекуваат „иранскиот Меси“, за репрезентацијата одиграл 36 натпревари и постигнал 23 гола.