Top Sport

Мпабе го урна сонот на Меси за светска титула (Видео)

Франција е правата репрезентација што избори пласман меѓу најдобрите осум на Светското првенство во Русија. Во неверојатно осмина-финале, во Казањ, Французите ја победија Аргентина со 4:3 (1:1).

„Триколорите“ до победата ги предводеше Килијан Мбапе. Тинејџерот од ПСЖ постигна два гола и избори пенал.

Мбапе го урна сонот на Лионел Меси дека може да стигне до најпрестижниот трофеј во репрезентативниот фудбал.

Дуелот во Казањ и поразот од Франција, многу веројатно беше последниот меч што Меси го одигра во дресот на Аргентина.

Жесток натпревар најави Гризман уште по само девет минути игра кога од слободен удар ја затресе гредата на аргентинскиот гол.

Четири минути подоцна играчот на натпреварот Мбапе, со страотен спринт ја претрча целата аргентинска одбрана, а Рохо го сруши со боречки зафат. Гризман пеналот го претвори во водство за Франција.

foto: epa

По голот Французите им дозволија на противниците да играат со топката, но во ситуација кога канте целосно од игра го исклучи Меси „гаучосите“ не успеваа конкретно да се заканат.

Аргентина сепак успеа да израмни до крајот на првиот дел. Де Марија, во 41.минута, од 28 метри упати проектил што заврши во спротивниот агол од голот на Љорис.

foto: epa

Седум минути подоцна, по само три минути игра во вториот дел „гаучосите“ направија пресврт. По центаршутот на Банега топката се одби до Меси, неговиот удар не беше добар, но на патот кон голот топката го погоди Меркадо за 1:2.

Од тој момент Франција го подигна нивото на својата игра, а пеколните десет минути, од 58. до 68.минута и го трасираа патот во четврт-финалето.

Десниот бек на Штутгарт, Павар, по центаршутот на колегата од спротивната страна Хернандез, со волеј го матираше Армани.

foto: epa

Само шест минути подоцна, одново акција по левата страна, Хернандез нафрли, Матуриди се обиде, неговиот удар заврши во блокот, но топката ја прифати Мбапе, се прошета и постигна гол за 3:2.

Истиот играч во 68.минута по акцијата, која започна од голманот Љорис ја зголеми предноста на Франција на 4:2. На Мбапе му асистираше Жиру.

До крајот Аргентина само го намали поразот за едно гол. Меси нафрли од десната страна, а Кун Агуеро со глава во 93.минута го совлада Љорис.

Франција во четврт-финалето ќе игра против победникот од натпреварот што вечерва ќе го одиграат Уругвај и Португалија.

Scroll to Top