Фудбалската репрезентација на Македонија, вечерва гостува во Палермо, кај Италија, во полу-финалниот бараж за пласман на Светското првенство. Победникот од овој натпревар, финалната битка за пласман на Мундијалот ќе ја бие на 29.март, против победникот од натпреварот Португалија-Турција.
Италија, н општо изненадување, не успеа директно да се пласира во Катар. Актуелните европски шампиони, во групата не искористија три меч топки, не успеаја да ги добијат двата натпревари против Швајцарија и последниот против Северна Ирска.
Од друга страна, Македонија, во групата заврши зад Германија, а пред Романија и Исланд.
Спортската јавност е согласна дека азурите се фаворити, но дека не смеат да ја потценат македонската репрезентација. Се е можно кога се игра само еден натпревар.
Голем хендикеп за Македонија ќе биде отсуството на Елиф Елмас. Играчот на Наполи поради жолти картони ќе го пропушти овој натпревар. Кадровски проблеми, најмногу во одбраната има и Роберто Манчини.
Во дефанзивната четворка сигурен е само левиот бек Емерсон, прашање е кој ќе го замени Ди Лоренцо на позицијата десен бек, а веројатно нема да ризикува ниту со ветераните Џорџо Кјелини и Леонардо Бонучи.
Италија и Македонија во минатото одиграле два натпревари, во квалификацискиот циклус за пласман на СП во Русија. Во Скопје, Италија победи 3:2, во реваншот беше 1:1.
Натпреварот во Палермо, на „Ренцо Барбера“ ќе започне во 20.45 часот. Главен судија ќе биде Клеман Турпан од Франција.