Само неколку часа откако Лео Меси и Аргентина беа пратени дома од Мундијалот во Русија, истата судбина го снајде и неговиот вечен ривал, Кристијано Роналдо и неговата Португалија по 2:1 поразот од цврстиот тим на Уругвај.
Херој, но и трагичар на мечот, беше напаѓачот на ПСЖ, Единсон Кавани, кој постигна два гола да ги неутрализира Португалците, но во 70-тата минута се повреди и останува неизвесно дали ќе има доволно време да се опорави пред тешкото четврт-финале против моќната Франција.
Португалија прва се закани преку Бернардо Силва уште во втората минута, кога со глава удира непрецизно по нафрлањето на Жоао Марио.
Веќе во седмата минута, Уругвај доаѓа во водство, по фантастичната двојна акција на Луис Суарез и Единсон Кавани. Суарез совршено го наоѓа Кавани во шестнаесетникот, а Кавани не простува.
Уругвајските дефанзивци одлично го држат Роналдо далеку од средниот ред на Португалија и го контролираат мечот. Во 21. минута, Суарез повторно имаше одлична акција, но беше соборен од Фонте. Слободниот удар ниско под живиот ѕид завршува само во рацете на Руи Патрисио.
Најизгледната ситуација во првото полувреме за Португалија дојде во 31. минута, кога Кристијано Роналдо имаше одличен обид од слободен удар од 20-тина метри, но само во живиот ѕид.
Португалците во второто полувреме силно тргнаа по израмнување, и во 52. минута имаат одлична шанса преку Рафаел, пред само една минута подоцна Роналдо да се најде во добра шанса. Во 54. минута Португалија заслужено израмни, откако по корнер Пепе забива со глава за 1:1 за прв примен гол на Уругвај во Русија.
Во 62. минута по грешка на средниот ред на Португалија, Единсон Кавани совршено истрчува и постигнува уште еден прекрасен гол за 2:1.
Бернардо Силва има одлична шанса за израмнување во 69. минута, а веќе следната минута, катастрофа за Уругвај – Кавани самиот бара замена поради повредата на задната ложа. Кристијано Роналдо спортски му помага да излезе надвор од теренот.
Португалија до крајот на мечот игра „викторија“ пред голот на Уругвај. Бернардо Силва во 80-тата минута и Мануел Фернандеш во 86. минута најсериозно се закануваат, но на крајот стабилната одбрана на Ургувај останува сигурна.