Холдинг-компанијата на поранешниот италијански премиер и сопственик на Милан, Силвио Берлускони забележила неверојатен пресврт во профитот по продажбата на седумкратниот европски шампион.
Берлускони беше на чело на Милан 31 година, претворајќи ги „росонерите“ од банкротиран клуб до еден од најдобрите во Европа. Сега, неговата компанија „Фининвест“ од загуба од 120 милиони евра, забележи профит од 687 милиони евра.
Берлускони го продаде клубот на кинескиот бизнисмен Јонгхонг Ли во април 2017 година за 740 милиони евра и ова целосно ги „сврте“ финансиите на Италијанецот. „Фининвест“ ја завршиле фискалната 2016/17 со загуба од 120.2 милиони евра, но во 2017/18 имале профит од 687.7 милиони евра, од кои продажбата на Милан донела 611.5 милиони евра.
Додека Берлускони и неговото семејство може да уживаат во богатството добиено од „росонерите“, судбината на Милан е неизвесна. Клубот доби двегодишна суспензија од настапите во европските купови поради непочитување на финансискиот фер-плеј, а наводната продажба на клубор од Ли на американскиот милијардер Роко Комисо за 500 милиони евра уште не е одобрена.