Четирикратниот светски шампион Луис Хамилтон вели дека би сфатил ако неговиот поранешен колега Фернандо Алонсо реши да си замине од Формула 1, бидејќи многу работи „не се на вистинско место“ во денешниот спорт.
Самиот 36-годишен Алонсо изјави дека не знае дали ќе биде во Ф1 следната сезона со тимот на Мекларен, и Британецот вели дека сосема го сфаќа тоа, бидејќи има многу работи кои се фрустрирачки во Ф1.
„Секако, би разбрал ако тој реши да се повлече. Не само Фернандо. Не мислам дека спортот беше не-фер кон Фернандо, но и моето мислење за состојбата на Ф1 не е добра. Дали мислам дека нешто не е во ред? Да. Имаме големи и мали тимови и разлика од две секунди меѓу првите три тима и четвртиот. Ферари можат да трошат повеќе пари од Мерцедес, и исто така имаат право на вето на правилата. Се надевам дека со новиот договор од 2021 година ќе биде поинаку“, вели Хамилтон во интервју со шпанскиот спортски весник „Ас“.
Асот на Мерцедес исто така имаше што да каже за таканаречените „возачи кои плаќаат“ да бидат во Ф1.
„Не треба да се случува само богатите возачи да доаѓаат, и тоа не само во Формула 1, туку и во помалите трки. Кога имате само богати деца, талентот го нема никаде“, додава Хамилтон.
Фото: ЕПА