Европскиот пат за Вардар завршува во осминафиналето на Лигата на шампионите, откако на гостувањето кај унгарскиот ривал Веспрем одиграа 31:31 со одличен камбек во финишот на мечот.
Елиминацијата беше очекуван исход, откако на првиот меч пред домашна публика, тимот на Дејвид Дејвис претрпе катастрофален пораз со осум гола разлика (22:30), така што малкумина веруваа во „чудо“ во Унгарија. Веспрем ќе се бори за настап на Фајнал 4 турнирот и шанса за прва европска титула против данскиот Олборг.
Веспрем имаа подобар старт на мечот и направија предност од два гола разлика, која во очајниот финиш на првото полувреме за Вардар ја зголемија на пет гола (18:13). „Црвено-црните“ имаа подобро второ полувреме, за да ја надополнат разликата и да се простат со 31:31 реми.
Јоел Моралес и Кевин Њокас постигнаа по пет гола за Вардар, додека кај победничкиот тим, Јахија Фати Омар беше најефикасен со седум постигнати гола.