Top Sport

Бодо/Глимт останува кошмар за Рома на Мурињо

Иако овојпат немаше реприза на најлошиот пораз во тренерската кариера на Жозе Мурињо, неговите Рома одново загубија на гостувањето во Норвешка откако Бодо/Глимт со гол во 90. минута стигнаа до 2:1 победа во првиот меч од четврт-финалето на Конференциската лига на УЕФА.

Двата клуба се сретнаа и во групната фаза на натпреварувањето, каде што Бодо/Глимт победи со 6:1 дома, пред на „Олимпико“ да извлече 2:2. Овојпат, Лоренцо Пелегрини ја донесе „волчицата“ во водство во 43. минута, пред Улрик Салтнес да израмни во 56. минута. Меѓутоа, Хуго Ветлесен осигура „Специјалниот“ пак да има кошмари од норвешкиот тим за 2:1 победа и за најава на интересен меч во Рим.

На „Велодром“ пак, Димитри Паје прво во 13. минута му асистираше на Жерсон за Олимпик да стигне до 1:0 водство против грчкиот ПАОК, пред во 45. минута да постигне фантастичен гол. Сепак, надеж за грчкиот тим даде Омар Ел Хадури во 48. минута намалувајќи на 2:1.

КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА ЕВРОПА, 1/4 ФИНАЛЕ, 1.МЕЧ

Бодо/Глимт – Рома 2:1

Лестер – ПСВ Ајндховен 0:0

Олимпик Марсеј – ПАОК 2:1

Претходно играа:

Феенорд – Славија Прага 2:2

Scroll to Top