Основното јавно обвинителство поведе случај против три лица кои се осомничени за убиство на ракометарот Денис Тот, чија смрт вчера ја потресе Македонија. Две лица се веќе приведени и ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка, а по третото лице е распишана потерница. За сите тројца ќе се бара притвор, велат од ОЈО.
По добиеното известување од Министерството за внатрешни работи за случен кривично правен настан со смртни последици, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, со цел да се испитаат сите околности во насока на расчистување на настанот издаде низа наредби и тоа: Наредба за обдукција на телото на починатиот, наредба за обезбедување на видео записи од безбедносни камери – Safe City и ноќниот клуб, како и да се сослушаат повеќе лица кои сведочеле на настанот и можат да дадат податоци потребни за истрагата.
Врз основа на прегледаните видео записи идентификувани се три лица за кои предметниот обвинител по добивање на кривичната пријава ќе донесе Наредба за спроведување на истражна постапка, поради постоење на основано сомнение дека осомничените меѓу кои една девојка (19) сториле кривично дело Убиство од член 123 став 1 вв член 22 од КЗ. Двајца од осомничени се лишени од слобода и денес ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, додека по првоосомничениот кој е недостапен на органите на прогонот се трага и е распишан централен распис.
Со оглед на тежината на стореното кривично дело и запретената казна, како и заради непречено водење на постапката, обвинителството цени дека се исполнети законските услови за определување на најстрогата мерка за обезбедување на присуство, па за сите осомничени ќе предложи да им биде определена мерката притвор.
Денес во утринските часови на Институтот за судска медицина и геонтологија беше извршена обдукција врз починатото лице и според првичните наоди, иако нема видливи повреди, смртта е насилна и настапила како резултат на повреди на мозокот настанати од нанесените удари.
Кривично правниот настан се случил на 7 овој месец, во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Од ударите сега починатиот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата осомничени продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“. Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, лицето имало престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животно загрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал.