Шпанскиот ветеран Серхио Рамос би сакал да се наметне за настап во репрезентацијата на Шпанија на Светското првенство. Иако поголем дел од сезоната ја пропушти поради повреди, Рамос сега се врати во тимот на ПСЖ и истакна дека посакува да биде дел од „црвената фурија“ на мундијалот. Тој беше долгогодишен капитен на националниот тим.
Рамос летово дојде во ПСЖ по неколкумесечна сага и истекување на договорот со Реал Мадрид, но повредите го спречија да ја оправда својата репутација на еден од најдобрите стопери во историјата на фудбалот.
„Се радувам на минутажата. Потпишав договор на две години, а се надевам дека ќе останам три. Клубот има право на тоа бидејќи бев повреден во поголемиот дел од сезоната“, вели Серхио Рамос.
И покрај тоа то влезе во втората половина од четвртата деценија, шпанецот верува дека може да игра уште неколку години на врвно ниво, а не крие дека има голема желба да добие покана од шпанската репрезентација за настап на Светското првенство во Катар на крајот на годината.
„Имам големи чувства за Шпанија. Можам да им помогнам на патот до светската титула. Тоа чувство е уникатно“, истакна Рамос.