Хрватскиот фаворит за титулата, Марин Чилиќ доживеа шокантен пораз во второто коло на Вимблдон, „чистејќи“ му пат на Роџер Федерер во неговата половина од ждрепката.
Чилиќ, кој лани загуби во финалето од Федерер, доживеа зачудувачки пораз од 3:6/1:6/6:4/7:6(3)/7:5 од аргентинскиот аутсајдер Гвидо Пелја. Мечот започна во средата, и Хрватот изгледаше целосно во контрола, водејќи со 2:0 во сетови пред паузата за дожд.
Меѓутоа, Пелја имаше неверојатен кам-бек, освојувајќи го третиот сет, пред со два брејка да го добие и четвртиот сет. Петтиот сет беше на сервис до 5:4, кога Пелја заработи две меч-топки, но не успеа да ги искористи. Меѓутоа, во следната шанса Пелја го искористи четвртиот меч-поен за првпат во кариерата да влезе во трето коло на гренд слем турнир.
„Вчера тој играше толку многу добро, така што не можев да направам ништо, но дождот ми помогна. Денеска ја сменив тактиката и бев поагресивен и тоа се исплатеше“, изјави Пелја.
Во аут е и трикратнот гренд слем шампион, Стен Вавринка, откако загуби во три сета со 7:6(7)/6:3/7:6(6) од италијанскиот аутсајдер Томас Фабијани. Вавринка губеше со два сета во средата, но водеше со 6:5 кога мечот продолжи. Вавринка е на 224. место на АТП листата по операцијата на коленото минатата година и го нема поминато второто коло на гренд слем оваа година.
Поранешната финалистка, Јуџини Бушар загуби во второто коло од Австралијката Ешли Барти со 6:4/7:5, откако мораше преку квалификациите да обезбеди место на овогодишниот турнир (таа е на 188. место на ВТА-листат). Бушар имаше сет-поен при 5:3 на сервис на Барти во вториот сет, но потоа загуби пет поени во низа за да го комплетира поразот.
Германката Анџелике Кербер се врати од сет негатива за тешка 3:6/6:2/6:4 победа над американската квалификантка Клер Лиу, која минатата година го освои јуниорскиот трофеј на Вимблдон.
Фото: ЕПА