Top Sport

Различна среќа за сестрите – Серена во четврто коло, Венус во аут

Серена Вилијамс стигна до 17-та победа едноподруго на Вимблдон за да се пласира во четвртото коло по 7:5/7:6(2) триумфот над Французинката Кристина Младенович, додека нејзината постара сестра, Венус загуби во драматичен меч со 6:2/6:7(5)/8:6 од Холанѓанката Кики Бертенс.

Серена има 23 гренд слем титули, од кои седум дојдоа на „Ол Ингланд клубот“, вклучувајќи ги двете титули кога последен пат играше во Лондон во 2015 и 2016 година. Минатата година, Серена не настапи бидејќи беше бремена.

Во четвртото коло, 36-годишната Американка ќе игра со уште една мајка, Русинката Евгенија Родина, која ја совлада Медисон Киз, иако на турнирот пристигна преку квалификациите.

Вилијамс останува единствената поранешна шампионка на турнирот. Нејзината сестра, петкратната шампионка Венус, Петра Квитова, Марија Шарапова и Гарбиње Мугуруза веќе се елиминирани.

Венус е осмата од топ 10 носителките кои испаднаа во првите три кола. Венус лани играше во финалето, а во 2016 година во полуфиналето, но 38-годишната ветеранка немаше сили во последните минути од мечот од 2 часа и 40 минути на жештината на Теренот број 1.

Бертенс сега игра со седмата носителка, Каролина Плишкова или со Романката Михаела Бурназеску за место во четврт-финалето.

Фото: ЕПА

Scroll to Top