Top Sport

Вест Хем им се закани на сопствените навивачи по германската инвазија на „Камп Ноу“

Вест Хем и Ајнтрахт Франкфурт формираа една полуфинална двојка во Лига Европа. Англискиот премиерлигаш објави информација во врска со влезниците за првиот меѓусебен натпревар, кој ќе се одигра следната недела на стадионот во Лондон.

„Од денеска, од 16 часот, сопствениците на сезонски билети можат да купат дополнителни два билети по лице. Навивачите кои живеат во Германија и кои немаат историја на резервации на билети, за жал, нема да смеат да купуваат билети за ова натпреварување“, соопшти клубот.

Да потсетиме, Ајнтрахт ја исфрли Барселона во четвртфиналето, а на натпреварот на „Камп Ноу“, присуствуваа повеќе од 30 илјади германски навивачи, со што се доби впечаток дека натпреварот се игра во Франкфурт.

Раководството на Барселона објасни дека имало препродажба на билети, па дури и на сезонски билети и дека посредниците направиле грешка, што довело до своевидна инвазија на гостинските навивачи.

За да избегне слично сценарио, Вест Хем испрати предупредување до своите навивачи.

„На навивачите на Вест Хем кои ќе ги препродаваат билетите за Ајнтрахт Франкфурт на која било неовластена платформа ќе им биде укинат сезонскиот билет и ќе им биде забранет пристапот на стадионот до крајот на сезоната 2022/2023“, објавија клубот.

Раководството на Вест Хем забележува дека навивачите може да ги загубат сите приоритетни поени и бенефиции собрани со сезонски билет и дека нема да има рефундирање.

Од друга страна, портпаролот на Ајнтрахт, Аксел Хелман за германски „Билд“ изјави дека „не сака да открива тајни“, но дека нивните фанови се многу креативни.

„Тие ќе дадат се од себе за да добијат значителен контингент билети. Можете да бидете 100 отсто сигурни во тоа“, рекол Хелман.

Scroll to Top