Според турскиот „Хуриет“, кошаркарскиот клуб Фенербахче, има намера да го донесе во тимот Шејн Ларкин од градскиот ривал Анадолу Ефес. Американецот со турски пасош, со актуелниот европски првак има договор до крајот на сезоната.
Од Истанбул воопшто нема гласини дека Ларкин ќе го продолжи договорот со Ефес, дури се слушаат шпекулации дека ќе ја промени средината. Во текот на пролетта прво се шпекулираше дека Ларкин веќе има договор со Реал, а сега Турците пишуваат дека Шејн оди во Фенербахче.
Фенер веќе три сезони се наоѓа во резултатска криза, а годинава не успеа да влезе во плејофот во Евролигата.
Според „Хуриет“, Фенербахче ќе преговара дури кога ќе заврши сезоната во Евролигата, а истиот портал вели дека Ларкин би сакал да ја има истата плата за која преговараше Василије Мичиќ минатото лето кога потпиша тригодишен договор со Ефес.
Што се однесува до Фенер, тој силно сака да донесе Американец со турско државјанство, бидејќи таков играч нема од пензионирањето на Боби Диксон. Се шпекулираше дека на мета е и Скоти Вилбекин, но прашање е дали тој сака да го напушти Макаби каде во моментов цветаат рози.