Шпанскиот суд ги укина мерките кои ги штитеа клубовите кои сакаа да ја основаат елитна Суперлига, од евентуалните казни на УЕФА и ФИФА.
Во судските документи до кои денеска имаше увид „Асошиејтед прес“, судот во Мадрид најави дека ќе ја укине правната заштита, со образложение дека и да бидат казнети, тоа нема да ги спречи да продолжат со планот за формирање ново натпреварување кое не е под контрола на УЕФА.
Минатиот април 12 клуба се обидоа да ја основаат Супер лигата, а тој план пропадна за 48 часа, бидејќи повеќето од нив се откажаа, освен Реал Мадрид, Барселона и Јувентус.
„На никаков начин не се покажа дека заканата со парични казни за трите клуба ќе доведе до неможност за реализација на проектот“, изјави судијката Софија Хил.
Таа ја отфрли загриженоста на клубовите дека казните на водечките светски фудбалски организации ќе ги уништат нивните шанси за привлекување средства за Суперлигата.
Минатиот април, друг шпански судија им нареди на ФИФА и УЕФА „да се воздржат од преземање какви било мерки што директно или индиректно, би ги попречило подготовките за формирањето на европската Суперлига“.
Овој потег дојде поради заканите, дека клубовите од Суперлигата ќе добијат забрана за настап во Лигата на шампионите.
Пресудата може да се обжали.