Лидерот Шкупи пред своите гледачи денеска (16 часот) ќе слави шампионска титула. Фудбалерите на Гоце Седлоски сакаат да ја прослават со триумф над Ренова и да им приредат убави моменти на навивачите.
„Максимално сме подготвени за овој натпревар, иако знаеме дека Ренова долго време игра доста добро и има квалитетен тим. Но, ние сме 100% мотивирани да го добиеме овој натпревар. Заедно со фановите сакаме да ја прославиме титулата. Нашите навивачи го чекаа овој ден долги години и сега конечно имаме можност да ги наградиме. Ќе го дадеме максимумот на теренот и верувам дека ќе славиме победа“, изјави Ардит Иљази од Шкупи.
Шкендија и Македонија ЃП ќе играат важен натпревар за излез во Европа. По вчерашниот триумф на Академија Пандев, сега и двата тима имаат императив да освојат три бода во трката за излез на европска сцена.
Во Струга, тимот на Срѓан Захариевски ќе го пречека Пелистер, а Тиквеш е домаќин на Борец.
Вчера, Скопје го победи Работнички со 0-1 на арената „Тодор Проески“, а Академија Пандев оствари триумф над Брегалница (2-1).