ПСЖ започна со плановите за наредната сезона. Актуелната во која клубот стана шампион на Франција е оценета како неуспешна, најмногу поради испаѓањето во осминафиналето од Лигата на шампионите.
Француски „Л’Екип“ пишува дека започнала чистката во Париз и дека веќе се знае кои петмина играчи први ќе си заминат.
Најголемото име на таа листа е Анхел Ди Марија, 34-годишниот Аргентинец кој има договор со ПСЖ до крајот на сезоната. За Аргентинецот се заинтересирани шпанските гиганти Барселона и Атлетико, а најблиску до неговиот потпис е италијански Јувентус.
Јулијан Дракслер е уште една ѕвезда што го напушта ПСЖ. Тој требаше да биде еден од клучните играчи, но во последните години падна во втор план и ПСЖ сега сака да се ослободи од него. Го бараат неколку германски клубови и Севиља.
Леандро Паредес пред само три години беше платен 40.000.000 евра, а сега 27-годишниот аргентински играч за врска би требало да ја продолжи кариерата во италијанската лига.
Лајвин Курзава веќе подолго време е на трансфер листата. Тој има договор за уште две години и најверојатно ПСЖ ќе му исплати одредена сума на пари за тој да си замине од клубот.
Последен на оваа листа е Тило Керер, 25-годишниот германски дефанзивец. Керер е баран играч на пазарот и ПСЖ за разлика од Курзава нема да има проблем да го продаде.
Се уште не е познато што ќе биде со трите најголеми ѕвезди Килијан Мбапе, Лионел Меси и Нејмар.
Мбапе има договор до крајот на сезоната. Мистерија е дали тој ќе остане во клубот или ќе се пресели во Реал Мадрид.
Меси е бесен поради лошата сезона и свирежите на навивачите, а Нејмар изјави дека планира да остане во клубот.
ПСЖ следната сезона би требало да добие нов тренер. На врвот на желбата за нов тренер е легендарниот француски играч Зинедин Зидан, а се споменува и актуелниот тренер на Тотенхем Антонио Конте.
Веројатни се и промени во раководството на клубот, па Бразилецот Леонардо би требало да биде заменет со Арсен Венгер, кој го водеше лондонски Арсенал од 1996 до 2018 година.