Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, не може да го објасни „лудиот“ пресврт на Реал Мадрид и елиминацијата на неговиот тим на синоќешниот реванш полуфинален натпревар во Лигата на шампионите. „Граѓаните“ беа на неколку минути од финале, но Родриго постигна два гола за две минути и го одведе двомечот во продолженија. Потоа Карим Бензема од пенал го постигна погодокот за конечни 3:1 за Реал Мадрид.
„Бевме толку блиску, а не се пласиравме во финалето. Ќе ни треба време за да сфатиме што се случи. Во првото полувреме не игравме, но и противникот не ни направи посебни проблеми. По постигнатиот гол на Махрез игравме многу подобро. Кога поведовме очекував Реал Мадрид да почне да напаѓа, но тоа не се случи. На крајот сите дојдоа во нашиот шеснаесетник, Милитао, Родриго, Винисиус, Бензема. Почнаа да центрираат и дадоа два гола. Во овие ситуации не го покажавме најдоброто од себе“, изјави Гвардиола.
Реал Мадрид ќе игра против Ливерпул во финалето на Лигата на шампионите на 28 мај на „Стад де Франс“ во Париз.