Русинот Дмитриј Бивол во саботата навечер во „Т-Мобиле арената“ во Лас Вегас направи едно од најголемите изненадувања во светот на боксот во последната деценија, победувајќи го мексиканската боксерска суперѕвезда Саул Канело Алварез на поени.
Иако тројцата судии го оценија мечот 115:113, исходот на мечот воопшто не беше неизвесен, откако Бивол го контролираше мечот од почетокот до крајот, користејќи ја својата сила и големина за да ја одбрани својата ВБА титула во средно-тешка категорија.
За Бивол победата е уште послатка бидејќи пред мечот поранешните шампиони во тешка категорија, украинските браќа Виталиј и Владимир Кличко побараа да не му се дозволи влез во САД поради тоа што тој е Русин.
„Денес се докажав самиот себе, јас сум најдобриот во мојата кариера. Еди Херн, извини што ти го уништив планот со Генадиј Головкин“, изјави Русинот по мечот, посочувајќи на најавената трилогија помеѓу Канело и Головкин веќе на 17 септември.
Наместо тоа, Канело потврди дека веднаш ќе бара римеч.
„Нема да заврши вака. Не барам изговори, но мислам дека победив во мечот. Можеби загубив четири или пет рунди, но не загубив. Можеби тежината беше проблем и не ми дозволи да се чувствувам 100 отсто подготвен“, изјави Алварез, кого многумина го сметаа за најдобриот боксер на денешницата без разлика на тежината и е поранешен шампион во четири тежински категории.