Славниот италијански клуб Милан повторно ја смени сопственичката структура. Американскиот инвестициски фонд „Елиот“ на Пол Сингер, ја презеде контролата во клубот, откако досегашните кинески сопственици не успеаја да го исплатат долгот.
Кинеската корпорација на чело со бизнисменот Јонгхонг Ли, го купи Милан пред една година од Силвио Берлускони за 740 милиони евра. Кинезите го наследија и долгот на клубот од 190 милиони евра.
Кинесите го презедоа Милан со помош на инвестицискиот фонд „Елиот“ со ветување дека ќе го вратат клубот на патеките на славата. Минатото лето во засилувања тие инвестираа 200 милиони евра, но клубот не успеа да се избори за пласман во Лигата на шампионите.
Проблемите настанаа кога УЕФА реши да го исфрли клубот од Лига Европа, поради неправилности во финансиското работење, а во целиот хаос сопствениците од Кина решија да го продадат својот дел од акциите.
Најпрвин се шпекулираше дека на чело на Милан ќе застане американскиот бизнисмен Роко Комисио и првиот човек на Монако, Дмитри Риболовљев, меѓутоа контролата врз клубот ја презеде „Елиот“ групацијата, на која Јонгхонг Ли не успеа да и врати 32 милиони евра.
Американците ветија дека набргу во клубот ќе инвестираат 50 милиони евра, со цел да го стабилизираат работењето. За една фискална година (јуни 2017-јуни 2018) Милан забележал минус во работењето од 75 милиони евра.
Од „Елиот“ најавија дека на чело на тимот ќе остане досегашниот тренер Џенаро Гатузо.