Патрис Евра, поранешен лев бек на Манчестер Јунајтед, во кариерата бил капитен на славниот клуб и на француската репрезентација. Легендарниот менаџер на Манчестер јунајтед, сер Алекс Фергусон секогаш ги фалеше неговите исклучителни лидерски квалитети. Трофејниот бек го критикуваше Пеп Гвардиола дека не може да поднесе тимот да има лидер на теренот.
Евра смета дека тоа е причината за шокантното испаѓање на Манчестер сити против Реал во полуфиналето на Лигата на шампионите, но и во другите нокаут натпревари од ЛШ, кои Пеп не успеа да ги добие во последните девет години, иако водеше големи тимови со речиси неограничен буџет, кави се Баерн и Сити.
„На Манчестер сити му требаат лидери, но Гвардиола не сака лидери. Не сака ликови во соблекувалната. Тој е лидер. Затоа влегуваат во неволја кога не им оди. На теренот нема никој кој би можел да им помогне“, изјави Патрис Евра за „Прајм видео“.
Тој, секако, мисли и на испаѓањето на Сити од Реал Мадрид во полуфиналето на Лигата на шампионите. Граѓаните имаа се во свои раце, но се распаднаа пред самиот крај на натпреварот. Евра вели дека ништо не е случајно.
„Така ги избира своите тимови, не сака играчи со карактер. Тој составува тимови за да може да ги контролира сите играчи. И кога работите тргнуваат наопаку, тој секогаш одлучува“.
Според Евра, овој проблем Сити нема да го решат ниту со Ерлинг Халанд.
„Сити згреши, тоа е вистина. Тие се трауматизирани. Ме потсетуваат на Пари Сен Жермен, тоа е клуб базиран на пари. И Реал има пари, но има историја. Манчестер сити има само пари и фудбалерите одат таму исклучиво за пари. Тие освојуваат трофеи, се разбира, но играчот избира да оди во Манчестер сити само затоа што му нудат најмногу“.