Челси се многу блиску до договор со поранешниот тренер на Наполи, Маурицио Сари како замена за Антонио Конте, потврди претседателот на италијанскиот клуб, Аурелио де Лаурентис.
Конте ја освои титулата од Премиер лигата со „сините“ во првата сезона во 2016/17, меѓутоа откако тимот не успеа да се квалификува за Лигата на шампионите со петто место, околу неговата иднина имаше многу шпекулации.
„Сари е блиску до Челси. Моите адвокати разговараат со неговите за да се финализираат деталите“, изјави Де Лаурентис.
Сари беше заменет од Карло Анчелоти во мај откако Наполи не успеа да ја прекине доминацијата на Јувентус во Серија А. И покрај ова, во Италија, менаџерите остануваат „врзани“ со договор со клубот и покрај тоа што веќе не се на својата позиција. 59-годишниот Сари во три сезони на клубот од „Сан Паоло“ ги доведе до две втори места и едно трето.
Сопственикот Роман Абрамович очигледно сака промена во клубот, но не сакаше да ги плати „излезните“ клаузули во договорот на Конте, така што останува да се разјасни уште таа ситуација. Конте веќе ги почна подготовките со клубот во тренинг-центарот во Кобхем.
Фото: ЕПА