Полскиот Ф1 тркач, Роберт Кубица потврди дека имал договор со Ферари пред да му се случи страшната рели несреќа по која за малку ќе му беше ампутирана раката и која му ја наруши кариерата.
Кубица, тогаш возач на Рено Ф1, се натпреваруваше на Ронде ди Андора рели трката во Италија пред стартот на сезоната 2011 година кога се удри во банкина и за малку ќе го загубеше животот. Оттогаш тој се обидуваше да се врати во Ф1, и настапуваше во Рели ВРЦ шампионатот, пред оваа година да добие резервно место во тимот на Вилијамс.
Многумина веруваа дека Кубица има договор за трансфер во Ферари, но досега, тоа никој јавно не го потврдуваше.
„Се размислував да се повлечам од таа рели трка, но веќе имав договор. Тимот со кој ќе возев следната сезона не дозволуваше да се тркаме на рели трките. Дали се работеше за Ферари? Да, како партнер на Фернандо Алонсо“, открива Кубица.
Полјакот вели дека имал договор со тогашниот шеф на Ферари, Стефано Доменикали, но и открива дека ќе заработувал помалку пари отколку во Рено.
„Првата цел на секој возач е да се влезе во Ф1. Втората е да станеш познат Ф1 возач, да имаш добра вредност, добра репутација, нешто што е многу потешко. Третото е да освоиш титула или да станеш возач на Ферари. Не освоив титула, и на крајот не станав возач на Ферари, но бев многу блиску“, објаснува Полјакот.