Тренерот на Интер, Симоне Инзаги до крајот на месецот би требало да го продолжи договорот со актуелниот шампион на Италија до 2024 година, со опција за уште една сезона со драстично зголемување на платата.
Поранешниот голгетер и тренер на Лацио пристигна на „Џузепе Меацо“ минатото лето, кога Антонио Конте го напушти клубот.
Инзаги заработува четири милиони евра годишно во Интер, а според новиот, неговата плата би била повисока за речиси 50%, бидејќи се планира да биде пет и пол милиони евра.
Според информациите на „Газета дело Спорт“, работата не би требало да биде завршена пред крајот на сезоната, а завесата на Серија А ќе биде спуштена во недела кога Интер ја пречекува Сампдорија.
На одлуката на клубот да му го продолжи договорот, нема да влијае ниту тоа што Интер веројатно ќе остане без титулата.
Инзаги сезонава веќе ги освои Купот и Суперкупот на Италија. Во двете финалиња Интер го победи Јувентус.
За скудетото потребно е Милан да загуби во Сасуоло, што ќе биде трагедија од епски размери. Двата дуели се играат в недела од 17 часот.