Иако додека беше газда на Ф1 постојано се обидуваше да направи пробив на американскиот пазар, Берни Еклстоун не беше импресиониран од „необичните“ работи кои се случија на трката во Мајами минатиот викенд.
Ф1 во Мајами имаше неколку невообичаени детали кои ги нема на другите трки – презентација на возачите на подиумот, водење со полициски мотоцикли, до носење на кациги за амеркански фудбал. Бројките покажаа дека тоа успеа – вкупно 242.955 фанови беа трите дена во Мајами, додека за време на трката имаше дури 85.280 гледачи.
„Тоа е продукција на Формула 1 – Американски стил. Можеби бидејќи е добро, а можеби бидејќи толку глупави работи доаѓаат од Америка, но сите се среќни. Но, тоа не беше начинот на кој јас го водев спортот“, вели 91-годишниот Еклстоун.
Генералниот директор на „Либерти медија“, носителите на правата на Ф1, Грег Мафеи одговори на оваа „боцка“.
„Берни може да мисли што сака, но реалноста е дека сите сакаа да бидат дел од тоа“, изјави Мафеи.