Конзорциумот предводен од американскиот милијардер Тод Боили ќе добие одобрение од британските власти да го купи фудбалскиот клуб Челзи. Се очекува тоа да се случи во наредните 24 часа.
Според „Скај спорт“, британските власти добиле правни гаранции дека сопственикот на Челзи, Роман Абрамович нема да има корист од продажбата на клубот, што значи дека можат да одобрат зделка вредна 4,25 милијарди фунти.
Приходите од продажбата ќе одат на замрзната сметка контролирана од британската влада. Освен во Велика Британија, Абрамович беше санкциониран од Европската унија, а бидејќи има португалски пасош, продажбата ја одобрија португалските власти.
Абрамович по 19 години повеќе нема да биде сопственик на Челзи. „Сините“ во тој период освои 21 трофеј, од кои пет титули во Премиер лигата и две Лигата на шампионите.
Абрамович мораше да го продаде клубот поради наводните врски со рускиот претседател Владимир Путин во екот на воената интервенција во Украина. Неколку дена по почетокот на војната, на 24. февруари, Абрамович го објави дека го продава клубот.
Тој беше дел од делегацијата која учествуваше на мировните преговори меѓу Русија и Украина. Британската влада воведе санкции против него на 10. март, но на Челзи му даде посебна работна дозвола, која истекува на 31. мај.
Американскиот милијардер Тод Боили е сопственик на бејзбол тимот Лос Анџелес Доџерс, а има акции и во кошаркаските клубови Лос Анџелс Лејкерс и Лос Анџелес Спаркс.