Зборот „мир“, на англиски и руски, ќе ја краси топката со која Ливерпул и Реал Мадрид ќе играат во финалето на Лигата на шампионите в сабота, објави германскиот производител на спортска опрема „Адидас“, најавувајќи дека ќе стави ограничено издание на оваа топка на аукција. Парите собрани на нукцијата ќе им бидат донирани на бегалците од Украина.
„Топката со која ќе се игра во финалето на Лигата на шампионите ќе биде понудена на аукција по натпреварот, а целиот приход ќе оди во Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) за да обезбеди заштита и помош за бегалците кои се принудени да ги напуштат своите домови“, соопштија од „Адидас“.
Финалето на Лигата на шампионите во 2022 година, кое требаше да се одигра во Санкт Петербург, е преместено на стадионот во „Сен Дени“, во близина на Париз, поради руската инвазија на Украина.
УЕФА, која „остро ја осудува воената инвазија“, која започна на 24. февруари, ги исклучи руските клубови од европските фудбалски натпреварувања следната сезона, приклучувајќи се на ФИФА, која ја исклучи Русија од Светското првенство во Катар.