Кошаркарите на Чикаго и Детроит, наредната година, ќе одиграат натпревар од регуларната сезона во НБА лигата во Париз, соопшти денеска управата на натпреварувањето.
Шесткратните шампиони Булс и трикратните шампиони Пистонс ќе го одиграат натпреварот во четврток на 19. јануари 2023 година во „Акор Арена“ во Париз. Како што се наведува, информациите за билетите ќе бидат објавени подоцна.
Тоа ќе биде трет натпревар за Чикаго во Париз, откако клубот одигра два претсезонски натпревари во тој град во 1997 година.
Детроит за прв пат ќе игра во Франција, а претходно играше натпревари во Лондон во 2013 година и Мексико Сити во 2019 година.
Натпреварот во Париз ќе биде првиот НБА натпревар во Европа од 2020 година и 12. лигашки натпревар во Франција од 1991 година.
Покрај натпреварот во Париз во 2023 година, НБА лигата и нејзините партнери ќе спроведуваат интерактивни активности за навивачите, иницијативи за проширување на заедницата на „NBA Cares“ и програми за развој на младинската кошарка на НБА.