Реал Мадрид и два дена по поразот во Џирона е топ-тема во спортските медиуми во Шпанија. Најголем дел од нив се согласни дека Реал по дуелот во Суперкупот на Европа со Манчестер Јунајтед и двомечот со Барселона во Суперкупот на Шпанија повеќе ја нема тимската игра, а играчите на теренот изгледаат како првпат да играат заедно.
Џирона во неделата без респект му се спротивстави на шпанскиот и европскиот шампион, а таквиот пристап на клубот кој од оваа сезона се натпреварува во Ла Лига му ја донесе победата.
Иако Реал водеше по првиот дел, Џирона не отстапи од својата игра и во вториот дел, во интервал од само четири минути постигна два гола.
По 58. минута видлива беше нервозата помеѓу играчите на „Кралскиот тим“. Модриќ, за кого Шпанците тврдат дека со мислите не е во Реал туку во баражот кој Хрватска треба да го игра против Грција, вербално го нападнал Марсело дека не е премногу заинтересиран за играта.
„Мене ми кажуваш дека згрешив, а ти не погреши. Што направи ти денес на теренот?“, му вратил Бразилецот, кој поради лошата играта беше заменет во второто полувреме.
Подоцна „оган“ имало и на релација Иско-Бензама, а Кристијано Роналдо, најлошиот во дресот на Реал против Џирона, уште во првиот дел им викал на Серхио Рамос и Варан.
Има ли криза меѓу „кралевите“ или не, ќе покаже натпреварот против Тотенхем кој ќе се одигра в среда во Лондон, а првиот нареден натпревар во Ла Лига Реал ќе го игра на 5 ноември против Лас Палмас.