Откако и Мартин Брејтвајт изјави дека не планира да си замине од Барселона и сака да го испочитува договорот, уште еден „отпишан“ фудбалер на каталонскиот клуб, Миралем Пјаниќ вели дека има желба да се докаже на „Ноу Камп“ и да остане уште две години во клубот.
Пјаниќ, кој пристигна на „Ноу Камп“ во контроверзната трампа со Артур Мело, не доби шанса од претходниот тренер на Барса, Роналд Куман, по што оваа сезона ја помина во Бешикташ, турскиот клуб кој имаше катастрофална сезона.
„Барселона има посебно значење за мене, тоа беше сон од детството за мене. Многу сум горд на мојата кариера: Мец, Лион, Рома и Јуве. Поминав девет години во Италија, најважните во мојата кариера и уште го следам фубалот. Но, сега главната мисла е да поминам две сезони во Барселона и да го завршам договорот“, вели Пјаниќ во интервју за италијанскиот весник „Ла република“.